Новак е непобедлив во Мелбурн – Триумф над Федерер во „50 класик“

Новак Ѓоковиќ е првиот финалист на Австралија опен, откако во полуфиналниот натпревар во „50 класик“ го совлада големиот ривал, Роџер Федерер со 3-0 по сетови (7-6, 6-4 и 6-3). Швајцарецот својата шанса ја пропушти во првиот сет кога имаше водство од 5-2, но Србинот со одлична игра успеа да го одведе во тај-брејк кој го доби со (7-1). Во вториот сет немаше брејк се до десетиот гем кога Ѓоковиќ ја искористи својата шанса, добивајќи го со 6-4. Во последниот сет Федерер веќе немаше сила за пресврт, а Србинот стигна до нова победа против големиот ривал и до рекордно осмо финале на првиот грен-слем турнир во сезоната.

Тој во финалето ќе се сретне со подобриот од мечот меѓу Австриецот, Доминик Тим и Германецот, Александар Зверев, натпревар кој на програмата е утре. Кај дамите во мечот за трофејот ќе се сретнат, Шпанката, Гарбиње Мугуруза и американската сензација Софија Кенин. Мечот ќе се игра во сабота.

Се вчитува...