Новак Ѓоковиќ ја почна 276 недела на врвот на АТП

Новак Ѓоковиќ од денеска повторно е број еден на светската тениска АТП листа. Тој го презема врвот од шпанскиот ривал, Рафаел Надал по успехот на Австралија Опен каде ја освои осмата титула. За Србинот ова е петти пат да се враќа на првата позиција. Ако му успее да биде на водечкото место до октомври ќе го надмине рекордот на Роџер Федерер од 310 седмици на позицијата број еден. Претходно Ѓоковиќ би го надминал Пит Сампрас кој има 286 недели на врвот.

„Тоа е една од моите најголеми цели. Тоа не е тајна“ – рече Ѓоковиќ по освојувањето на трофејот во Мелбурн.

Ѓоковиќ во 2020 година нема пораз, има перфектна серија од 13-0. Меѓу успесите е и триумфот на Србија во АТП купот на почетокот од годинава. Во Мелбурн вчера го освои 17. грен-слем трофеј во кариерата. Првпат на водечкото место на АТП листата Ѓоковиќ застана 4 јули 2011 година и остана таму 53 седмици.

Надал падна на втората позиција. Федерер го задржува третото место. Финалистот од Австралија опен, Доминик Тим се проби на четвртата позиција, има прогрес од едно место. Медведев е сега петти, а потоа следуваат Циципас, Зверев, Беретини, Монфис и Гофин кој ја заокружува најдобрата десетка.

Се вчитува...