Одбраната беше во втор план: Гостивар со „стотка“ го реши Црн Дрим

По двата порази на почетокот на лигата Гостивар успеа да ги консолидира своите редови и да забележи два триумфа едно по друго. Овој пат избраниците на Марјан Србиновски во рамките на петтото коло од Првата кошаркарска лига беа подобри од новалијата Црн Дрим, кој се прикажа во добро светло во „Младост“ но не успеа да избегне пораз од 109-95.

Натпреварот започна со изедначено темпо на двете страни на теренот. Домаќините имаа подобар проток на топката, Црн Дрим не можеше да најде решение за високите играчи на Гостивар кои доминираа во рекетот, но умешно се држеше во игра преку шутот за три поени, кој пак не ги служеше играчите во „сино-бело“. Сето тоа резултираше на полувремето Гостивар да има предност од 51-42.

Високото темпо на двата тима продолжи и во второто полувреме. Гостите од Струга подобро ги отворија вторите дваесет минтуи, преку серија од 8-2 стигнаа до негатива од пет поени (56-51), меѓутоа на спротивната страна возврати Костоски со серија на тројки и повторно го врати двоцифреното водство за својата екипа. Гостиварци продолжија да ја контролираат играта и не дозволија ново враќање на Црн Дрим кој во вторите дваесет минути се мачеше да ги запре бековите на домашниот состав.

Најрасположен во таборот на Гостивар беше Александар Костоски со 28 поени и 11 асистенции, Александар Тодоровиќ додаде 23 поени и 11 скока, додека како двоцифрен натпреварот го заврши и Кајлер Мозли кој додаде 19 поени и 7 скока. Предводник на тимот од Струга беше Кори Рос со 22 поена и 8 асистенции, додека Хуго Клусен додаде 21 поен.

Се вчитува...