По иницијативата на македонската фудбалска легенда Дарко Панчев за одигрување хуманитарен натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда, и официјално завршени се разговорите меѓу раководствата на двата клуба и договорен е пријателски натпревар меѓу двата некогашни екс-ју ривали кој ќе се игра на 16. април во Скопје.
„Како акт за помош на настраданите во огнената стихија во Кочани, генералниот директор на белградска Црвена Ѕвезда, Звездан Терзиќ и извршниот директор на скопски Вардар, Миленко Неделковски, вечерва се договорија двата клуба да одиграат хуманитарен натпревар во Скопје на 16 април. Сите средства собрани од билети и спонзори ќе одат за семејствата на настраданите во огнениот пекол во Кочани. Натпреварот ќе се игра во ноќен термин под рефлектори. ФК Вардар изразува огромна благодарност до големите фудбалски пријатели и нивната армија од навивачи за овој бескрајно голем хуман потег. Двата клуба договорот ќе го потпишат во текот на утрешниот ден. Исто така изразуваме голема благодарност до легендата на Вардар и Црвена Звезда, Илија Најдоски, со чие посредништво е овозможен овој спектакл“ – информираат во официјалното соопштение од ФК Вардар.
Претходно, српските медиуми пренесоа дека Дарко Панчев уште во текот на вчерашниот ден разговарал со генералниот директор на Ц. Звезда, Звездан Терзиќ презентирајќи му ја идејата за одигрување хуманитарен натпревар која веднаш е прифатена од Терзиќ.
„Разговарав со генералниот директор на Звезда, Звездан Терзиќ да оствари комуникација со раководството на Вардар и Црвена Звезда во Скопје да одигра пријателски натпревар со нашиот најтрофеен клуб. На мое задоволство, Терзиќ одговори дека секако е подготвен да воспостави комуникација со челниците на Вардар, а според првичните разговори на Црвена Звезда и одговара датумот 16. април, па останува клубовите и дефинитивно да се договорат“ – истакна претходно Дарко Панчев.
Панчев, преку разговор и со селекторот на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси, покрена иницијатива и за пријателски натпревар меѓу Србија и Македонија во месец мај, исто така со хуманитарен предзнак како помош за семејствата на настраданите во ужасната трагедија во Кочани.
„Истата идеја ја разговарав и со селекторот на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси кој исто така со задоволство ја прифати да се реализира контакт меѓу ФСС и ФФМ па да се одигра хуманитарен натпревар меѓу Македонија и Србија. Со прифаќањето на идејата и двајцата покажуваат големина. Се надевам дека ќе им овозможиме на бројните навивачи, и Црвена Звезда и српската репрезентација да го посетат Скопје и на овој начин да се обидеме малку да им ги олесниме раните на членовите на семејството во оваа страшна трагедија, и на овој начин“ – рече Дарко Панчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА