Османи: Оваа предност треба да осигура титула… Јаневски: Ја имавме победата в раце!

Шкендија беше далеку подобар противник од Вардар на отворањето на пролетниот дел од шампионатот, но на крајот по промашените серија шанси мораше да спасува и бод. Токму поради тоа стратегот на тетовци, Ќатип Османи може да биде и задоволен од конечниот исход…

„Мора да кажам дека со ова реми ја зачувавме предноста од осум бода која е солидна на патот до титулата. Мора да ја зачуваме. Едноставно не смееме да ја пропуштиме до крајот на сезоната, и веруваме во тоа. На дербито бевме подобар противник од Вардар, тоа го виде целата македонска јавност, но ете на крајот дојдовме до реми. Не реализиравме бројни шанси, Вардар не казни за да сепак заслужено стигнеме до израмнување“ – изјави Османи по денешното дерби.

Тренерот на „вардарци“, Чедомир Јаневски, пак, вели дека со малку повеќе концентрација во финишот можеше да се дојде и до трите бода…

„Ја имавме победата во раце, мораше на крајот да бидеме поприсебни и да ја зачуваме предноста. Но, да бидеме искрени, можеше и да го загубиме овој интересен дерби натпревар. Секогаш е тешко да се игра во Тетово, Шкендија имаше и силна поддршка… Наша цел беше со победа да се доближиме до Шкендија во трката за титула, но за жал остана предноста од осум бода“ – истакна Јаневски по мечот.

Се вчитува...