Отсуството на Адеми му отвори на Милевски уште поголеми дилеми

ЕКИПА во Тбилиси, 
Горан Бошев

Откако стана јасно дека македонската фудбалска репрезентација против Грузија ќе мора и без Аријан Адеми, а тоа донесе уште поголеми дилеми за селекторот Благоја Милевски во пресрет на утрешниот натпревар во Лигата на Нации. Да беше Адеми во тимот, средниот ред веројатно ќе беше сочинет од него, Барди и Спировски, Елмас како крилен фудбалер по отсуството на Чурлинов, а сега ќе мора составот да трпи „рокади“.

Една од можните варијанти е Барди и Спировски како последни играчи за врска, Елмас понапред, па да се бара решение на крилните позиции. Тука би можеле Трајковски и Ашковски, па Тодороски да оди како десен бек на местото на повредениот Ристовски. Ако Елмас оди на крило, тогаш ќе се бара решение во средниот ред со Спировски, со оглед дека Барди би одел понапред.

Една од варијантите е менување на формацијата, и покрај тоа што селекторот Милевски е еден од оние кои тешко се решава на менување на тактиката. Доколку се реши, тогаш во 4-4-2 би било нешто полесно за отстранување на дилемите, со тоа што Елмас и Трајковски би оделе како крила, Барди и Спировски во средината, а двојка во нападот би била Миовски – Ристовски.

Се чини за утрешниот меч само стоперските и голманската позиција се сигурни, иако нема да биде чудно ако Милевски се реши да го стави бекот Алиоски како крило, па Ашковски да го врати позади на позицијата лев бек.

Во секој случај многуте отсуства како оние на Адеми, Ристовски, Етеми, Чурлинов, претходно и Костадинов, па и неповикувањето на Николов, Ристевски и Бабунски му создадоа многу главоболки на селекторот Милевски во пресрет на најважниот меч во Лигата на Нации после кој ќе се знае дали Македонија може до првата позиција, или ќе ги загуби сите надежи во таа битка.

Се вчитува...