Отсуството на Роналдо го користи Меси – Аргентинецот со нови рекорди во ЛШ

ПСЖ синоќа со пресврт го доби дуелот на гостувањето кај Макаби Хаифа (1-3). Домаќините за момент ги изненадија големите ѕвезди од Париз, но не успеаја да го издржат притисокот до крај на мечот.

Лионел Меси на најдобар можен начин го користи отсуството на Кристијано Роналдо од ЛШ. Аргентинецот со новиот гол сруши два нови рекорди во Лигата на шампионите. Тој го надмина Кристијано Роналдо во две категории: стана фудбалер кој погодил против најмногу различни клубови (39) и погодил барем еднаш во најголем број последователни сезони (18).

Португалецот оваа година не е дел од елитното клупско натпреварување. Тоа значи дека рекордите на Меси ќе стојат барем една сезона, во случај членот на Манчестер Јунајтед да се врати во Лигата на шампионите наредната година.

ПСЖ заедно со Бенфика има две победи и стои на врвот на табелата во Групата Х.

Се вчитува...