Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев искажа отворен респект кон селекцијата на Германија на денешната прес-конференција во Дуисбург во пресрет на утрешниот натпревар, но потенцираше дека секој во националниот тим е подготвен да го даде максимумот па и да се изненади домаќинот.
„Не е никаква тајна дека Германија е голем фаворит, и за нас е чест и задоволство да играме против една репрезентација од ваков ранг. Но, знам дека нема што да загубиме. Знам дека ќе го дадеме сите максимумот на овој натпревар. Ова не е Македонија од пред пет-шест години, располагаме со квалитет преку кој изминатиов период докажавме дека може да се носи оваа репрезентација со секој противник, и мислам дека ќе биде еден добар натпревар. Фудбал, зошто и да не се случи чудо утре во Дуисбург?“ – истакна капитенот Пандев.
Натпреварот меѓу Германија и Македонија во Дуисбург се игра утре со почеток од 20:45 часот на „МСВ-арената“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА