Пандев го пропушта дуелот со Лацио

Горан Пандев по се изгледа ќе го пропушти утрешниот дуел од Калчо-лигата против поранешниот клуб Лацио, по повредата што македонскиот голгетер ја заработи на вчерашниот тренинг на Џенова.

Пандев требаше да биде еден од главните адути на тренерот Балардини на овој меч, но нашиот интернационалец на самиот почеток од тренингот се пожалил на болка во мускулот. Лекарите веднаш препорачале тој да го доврши тренингот само со лесни вежби додека неговите соиграчи ги воигрувале тактичките замисли за пресметката со „лацијалите“.

Според првичните информации повредата не е многу сериозна, но Пандев нема да може да му помогне на својот тим на првиот натпревар од 2021 година.

Џенова моментно се наоѓа на 18. место на табелата во Калчо-лигата, со десет освоени бода по првите 14. кола.

Се вчитува...