Пандев: Судијата не сакаше да слушне за ВАР, а беше чист пенал

Македонскиот репрезентативец Горан Пандев беше револтиран по синоќешниот пораз на Џенова од 3-2 на гостувањето против Рома на „Олимпико“. Џенова можеше да се врати непоразена од Рим, но доколку не беше судиската неправда во последните минути кога не беше досуден очигледен пенал токму врз македонскиот напаѓач.

Џенова тргна во контранапад и топката беше нафрлена кон Пандев, кој скокна за да шутира со глава, но во последен момент беше турнат од страна на Флоренци. Главниот судија остана нем и покажа играта да продолжи, но уште повеќе изненадува што во Италија има ВАР-технологија… Но, ниту судиите од ВАР собата не реагираа,иако од неколку различни агли беше очигледно дека станува збор за чист прекршок во шеснаесеникот на Рома…

„Секако дека сме револтирани. Одигравме добар натпревар на кој не заслуживме пораз. Во финишот беше тоа очигледен пенал, но не и за судијата. И покрај реакциите не сакаше да слушне за ВАР и за уште една контрола. Доколку во овој случај се побараше помош од ВАР системот сигурен сум дека ќе беше покажано на белата точка“ – истакна Пандев по натпреварот на „Олимпико“.

Се вчитува...