„Пантерите“ не го даваат домашниот терен – славје над ТФТ во Кисела Вода

Академија ФМП се искачи на врвот на табелата во Првата лига откако на домашен терен избраниците на Петровиќ славеа над ТФТ со 89-75 во деветото коло. Домаќините го контролираа натпреварот од првата до последната минута, успеаја да се одбранат од налетот на гостинскиот состав и стигнаа до четвртата победа во сезоната.

„Пантерите“ мотивирано влегоа во натпреварот. Добриот проток на топката донесе лесни поени под обрачот, а во полза на ТФТ не беше ни високата реализација во шутот од далечина на домашниот состав. Избраниците на Смилковски потфрлија во реализација од поле, шутираа со само 33% во првата четвртина, а добрата скок игра под противничкиот кош доприносе за разликата по десет минути игра да биде „само“ +14 (30-16). Зоната на ТФТ во втората четвртина го наруши високиот ритам на тимот од Кисела Вода, но долго време беше потребно гостите да влезат во напаѓачки ритам. Домашниот тим го одржуваше високото водство, меѓутоа во влезот на Хортон на местото на Андерсон се промени моменумот на паркетот. Добрата енергија која ја донесе Американецот резултираше со серија од 11-0 пред самиот крај на првото полувреме па по 20 минути игра резултатот гласеше 45-37.

Двата тима се мачеа на почетокот на второто полувреме. Акадмија ФМП преку бековската линија успеа да ја врати двоцифрената предност, но агресивната одбрана на гостите ги натера избраниците на Петровиќ да продолжат со голем број на изгубени топки. За ТФТ на сцена настапи Андерсон кој со својата енергија допринесе за добра игра на составот од Тафталиџе и враќање на првичната негатива од -8 (67-59), пред влезот во последната четвртина. Одбраната беше во прв план во одлучувачките десет минути, но ни двата тима не можеа да се пофалат со својата игра. Преку добрата транзиција домаќините ја правеа клучната разлика, а гостите преку шутот за три поени се обидуваа да ја намалат предноста. Избраниците на Петровиќ во клучен момент го затворија рекетот, изнудија неколку изгубени топки на ТФТ па сосема заслужено стигнаа до двата бода.

Рони Харис беше првото име во Академија ФМП со 22 поени и 9 скока, додека него го следеа Теодор Атанасов со 20 поени и 9 скока, и Стефан Крстајиќ со 14 поени и 9 скока, додека Горан Главчев натпреварот го заврши со 11 поени и 4 асистенции. Лахланд Андерсон беше прво име кај гостите со 27 поени и 5 скока, а него го следеше Ландриус Хортон со 20 поени и 4 скока. Како двоцифрени натпреварот го завршија и Тај Харис со 11 поени и 6 асистенции, и Амир Смит кој додаде 10 поени и 4 скока.

Се вчитува...