Пелистер е ептен моќен: И без тројца важни играчи до триумф над ТФТ

Пелистер уште еднаш ја потврди кандидатурата за шампионската титула во мак-баскетот откако битолчани денеска го декласираа ТФТ со 83-64. Успехот е уште поголем ако се знае дека „зелено-белите“ настапија без тројца важни играчи, Малешевиќ, Американецот Хотон и последното големо засилување Крстајиќ, но дури и без помошта на овие одлични кошаркари битолчани беа надмоќни во однос на незгодниот ривал. ТФТ пред неколку дена го зема скалпот на МЗТ Скопје, но не можеше да го повтори успехот и во салата „Боро Чурлевски“, каде „пелистерци“ уште повеќе се зацврстија на првото место на суперлигашката табела.

Амир Смит одлично го почна мечот за ТФТ, но Пелистер на спротивната страна го имаше расположениот Кесар. Првите десет минути минаа во измена на водствата на двете страни, а битолчани го завршија овој период со минимално водство од 19-18. ТФТ за момент го сврте резултатот во своја пола во втората четвртина, во која скопјани поведоа со 30-35, во неколку ситуации имаа „плус четири“, но Пелистер подобро го заврши полувремето, па со тројката на Ѓуроски на одмор замина со водство од 44-41.

Тоа беше само најава за битолската фурија во третата четвртина, во која избраниците на Марјан Илиевски го демолираа противникот. Цврстата одбрана беше рецептот за успех, битолчани успешно ги затворија приодите кон сопствениот кош, па веќе во 22. минута стигнаа и до првото двоцифрено водство (51-41). ТФТ е тим што знае да се врати од ваква негатива, но гостите од скопско Тафталиџе овојпат делуваа немоќно, постигнувајќи само осум поени во третата четвртина (21-8), во последните десет минути влегувајќи со огромна негатива од 65-49.

Доминацијата на Пелистер продолжи до крајот, битолчани бодрени од верните „Чкембари“ на трибините одиграа максимално ангажирано и во преостанатиот дел од мечот. Младеновиќ погоди тројка и предноста на четири минути до крајот се искачи и на „плус 21“ (77-56), откако убедливиот триумф беше осигуран, Илиевски го повлече од игра одличниот Кесар, пред крајот давајќи шанса и на уште неколку млади играчи, но сепак славејќи со убедливи 83-64.

Игор Кесар беше главна фигура на овој меч со 26поени, а извонреден беше и Бобан Стајиќ, реализирајќи 13 поени, осум асистенции и шест скокови. Најефикасни во редовите на ТФТ беа Мајкл со 14 и Николов со 13 поени.

Се вчитува...