Пелистер му „спакува 100“ на Феникс

Пелистер им се врати на победите во Суперлигата откако на отварањето на 6. коло славеше на домашен терен со 100-58 против Феникс 2010. ‘Зелено-белите’ уште на отварањето на натпреварот стекнаа висока предност благодарение на добрата одбрана и високата реализација, а истата ја задржаа до крајот на мечот.

Отварањето на натпреварот му припадна на Пелистер кој го искористи воведниот грч на гостите и рано стигна до комотна предност. Како што одминуваа минутите Феникс успеа да најде решение во рекетот, но и покрај тоа што на момент ја врати резултатската неизвесност, не успеа да го наметне своето темпо. ‘Зелено-белите’ продолжија со високата реализација на спротивната страна па имаа предност од 27-14 по 10. минути игра. Добрата игра на двете страни од теренот за домашниот состав продолжи и до крајот на првото полувреме. Агресивната одбрана ги примора гостите на реализација на влез, а донесе лесни поени за Пелистер на спротивната страна. Избраниците на Илиевски ги служеше и шутот па предноста на полувремето изнесуваше 49-27.

Отварањето на второто полувреме не донесе промени на паркетот. Феникс не успеа да го најде напаѓачот ритам, а тоа знаеше да го искористи Пелистер за поени во транзиција па поведе со 68-31. Тајм-аутот на Дервишевиќ вроди плод, по истиот гостите заиграа агресивно во одбраната, со високиот пресинг го нарушија ритамот на домаќините па ја намалија негативата на 77-46 по 30. минути игра. Последната четвртина беше само формалност во која шанса добија сите играчи.

Крстајиќ со 18 поени беше прво име во победничкиот табор, додека кај поразените Митревски заврши со 13 поени.

Се вчитува...