Пелистер продолжува да дели „стотки“: Овој пат убедлива победа над Куманово

Пелистер докажа дека не се шали во новата сезона. Битолчани во својот трет дуел одново постигна повеќе од 100 поени и стигнаа до третиот триумф откако на домашен терен, овој пат над Куманово со 113-75. Избраниците на Илиевски одиграа перфектен натпревар во нападот каде реализираа со 66% од поле, го исконтролираа скокот и заслужено ги освоија двата бода.

Домаќините одлично го отворија натпреварот, преку добриот проток на топката и контролирањето на скокот стигна до двоцифрена предност уште во шесттата минута од натпреварот. Во полза на кумановци не беа ни трите лични грешки на Андрејевиќ уште во првата четвртина, а отсуството на противничкиот центар од рекетот го искористија „зелено-белите“ кои постигнаа 18 поени во овој сегмент од играта и поведоја со 32-20 по десет минути игра. Куманово заигра подобро на почетокот на втората четвртина, „сино-белите“ ги користеа грешките на домашниот состав, а преку Рејли-Рос и Марковски стигнаа до негатива од 34-29. Сепак набргу Пелистер го најде шутерскиот ритам од првите десет минути и повторно ја врати големата предност на своја страна. На полувремето на семафорот стоеше предност од +17 (55-38).

Фантастичниот ритам Пелистер успеа да го преслика и во второто полувреме. „Зелено-белите“ продолжија да го контролираат скокот кој донесе и лесни поени на спротивната страна, ги служеше и шутот од далечина, а одиграа и добро во одбраната каде не дозволуваа лесни поени на кумановци, па по 30 минути игра на семафорот стоеше предност од 81-54. Последната четвртина беше само формалност со која двата тима во опшутен ритам без акцент на одбраната го приведоа крајот на натпреварот.

Бобан Стајиќ беше првото име во Пелистер со 26 поени и 7 асистенции, Игор Кесар додаде 22 поени и 7 скока, додека нив ги следеа Малешевиќ со 15 поени, Калахан со 13 поени и Бојан Трајковски со 11 поени и 8 скока. Кори Рејли-Рос беше прв стрелец кај Куманово со 17 поени и 4 скока, Александар Андрејевиќ додаде 14 поени и 6 скока, додека како двоцифрен натпреварот го завршија и Горјан Марковски кој постигна 11 поени и 3 асистенции, и Дамјан Робев кој додаде 11 поени и 3 скока.

Се вчитува...