Пелистер се намачи со Феникс 2010, но успеа да му се одмазди на новајлијата

Пелистер успеа да му се реваншира на Феникс 2010 за поразот во регуларниот дел од сезоната откако во првото коло од Суперлигата славеше на гостински терен со 69-77. Новајлијата кој во пресрет на победничката фаза остана без Двејн Морган на крилја на младите играчи и искусниот Трајковски повторно приреди неизведен натпревар, но на крајот пресудија подолгата клупа и искуството на битолчани.

Натпреварот започна во изедначено темпо во кое акцентот беше ставен на одбраната па ниеден тим не успеа да го наметне своето темпо, но како одминуваа минутите Пелистер успеа да ја разбие зонската одбрана на Феникс со шут од поле па поведе со 13-20. Тајм-аутот на Дервишевиќ ги консолидираше редовите на новајлијата, но домаќините не ги служеше шутот па гостите ја задржаа предноста по 10. минути игра (15-22). Изгубените топки на Феникс скапо го чинеа младиот тим, а искусните битолчани умешно ги користеа лесните поени па поведоа со двоцифрена предност (15-27). Тајмаутот на домашниот тренер повторно на момент донесе стабилна игра на ‘виолетово-жолтите’, но гостите знаеја да ја искористат ширината на клупата. Одиграа агресивно во одбраната на клучните играчи на Феникс, а промашените обиди ги реализираа на спротивната страна за водство од 19-37. Сепак завршницата на првото полувреме му припадна на Феникс кој одговори со иста мера, со агресивната одбрана го наруши напаѓачот ритам на противникот, стигна до препотребните лесни поени, а и покрај тоа што во еден момент намали на едноцифрена негатива на полувремето резултатот гласеше 32-42.

Комбинираната одбрана на Феникс продолжи да создава проблеми во играта на Пелистер, а овој пат избраниците на Илиевски не успеаја да ја надминат со реализивија од поле па за шест и пол минути постигнаа само два поени, а тоа го искористи домашниот тим кој преку продорите во рекетот стигна до негатива од два напада (40-44). Сепак постот зад линијата 6,75 на битолчани не траеше цела четвртина, а откако Стајиќ и Малешевиќ реализираа во своите обиди, ги заследија и Караџовски и Кесар па предноста се искачи на двоцифрена. Пелистер ја крена и агресивноста во одбраната, повторно ја искористи подолгата клупа па поведе со 45-57 по 30. минути игра. Малиот одмор беше во полза на домаќините чија одбраната повторно го запре нападот на Пелистер, а на спротивната страна одговорија Митревски и Кацарски за преполовување на негативата уште во 32. минута (52-57). Феникс продолжи да брка негатива и до крајот, но и покрај тоа што имаше шанса за дополнително намалување на истата, откако не успеа во своите намери следеше одговор од Кесар кој реализираше кога беше најпотребно. Србинот го врати својот тим на комотна предност и ги завери двата бода за својот тим и покрај налетот на домаќинот кој предводен од Трајковски стигна на негатива од шест поени во завршницата.

Бојан Трајковски со 23 поени и 11 скока го предводеше Феникс,, додека него го следеа Вилијамс со 19 поени и 5 скока и Митревски со 13 поени и 5 асистенции. Игор Кесар со 20 поени беше прво име кај Пелистер, а Крстајиќ додаде 17.

Се вчитува...