Пелистер во одлична форма ќе го угости Куманово

Пелистер и Куманово од 18 часот и 30 минути ќе го одиграат својот прв меѓусебен дуел во новата сезона. Битолскиот состав се наоѓа во добра серија, на два натпревара, „зелено-белите“ забележаа две победи над МЗТ Скопје Уни Банка и Вардар, но првиот сериозен тест за искусниот состав доаѓа денеска.

„Конечно почнавме со натпревари и тоа е најбитно за нас, бидејќи одигравме само две кола и се уште не сме во посакувната форма. Остваривме две победи, но утрешниот натпревар ќе биде прв сериозен тест. Куманово има одлична екипа и е во далеку подобар натпреварувачки ритам па свесни сме дека не очекува тежок натпревар. Доколку успееме да наметнеме наша игра и ја искористиме предноста на домашен терен ќе успееме да оствариме уште една многу битна победа за нас. Со тоа би влегле во подобра позиција пред она што следи“ – изјави бекот на Пелистер, Даниел Нацевски.

Куманово по лошата серија на порази ги консолидираше своите редови со победа над Црн Дрим во претходното коло, а „сино-белите“ добриот моментум од „Перо Наков“ ќе се обидат да го пренесат и на гостувањето во Битола. Пеколниот ритам на кумановци продолжува денеска, а пред „сино-белите“ е и натпревар во БИБЛ лигата, па денешната победа ќе биде исклучително битна за избраниците на Мирковски.

„Немавме многу време за да се спремиме за овој натпревар, играме во пеколен ритам и за десет дена играме пет натпревари, но нема простор за жалење. Одиме во Битола на победа против Пелистер, ние ќе го дадеме максимумот, а подобриот нека победи“ – изјави еден од предводниците на Куманово, Горјан Марковски.

Се вчитува...