Пелистер започна со „стотка“

По долгата пауза предизвикана од коронавирусот Пелистер конечно заигра кошарка, а веќе во првиот натпревар стигна до убедлива победа од 105-66 против младиот состав на МЗТ Скопје Уни Банка во рамките на 4. коло од Првата кошаркарска лига. Битолчани беа подобри во скоро секој аспект од играта, а по воведниот грч заиграа на очекуваното ниво, ја зајакнаа одбраната и стигнаа до посакуваниот триумф.

МЗТ Скопје Уни Банка одлично го започна натпреварот. Мотивираните избраниците на Боро Даскаловски најдоа влез во рекетот на Пелистер, ги служеше и шутот за три поени па поведоа со 2-13. Тајмаутот на Илиевски вроди so плод, битолчани заиграа далеку подобро, со агресивната одбрана ги смирија гостите, при што запре шутот на „штркчињата“, а проработе и шутот од далечина кај Пелистер, за по десет минути игра на семафорот да стои 18-18. Високите играчи во „зелено-бело“ продолжија да прават проблеми за скопскиот состав кој не можеше да го исконтролира скокот под својот обрач. Дополнителен проблем за избраниците на Даскаловски беше и преголемиот број на лесни поени по изгубена топка па до полувремето битолчани направија разлика од +9 (47-38).

Предноста на Пелистер продолжи да се зголемува и во второто полувреме. Младите „штркови“ немаа решение за Чез Вилијамс, ниту за играта на битолчани во рекетот. Тимот на Боро Даскаловски не одигра на очекуваното ниво. Младите играчи премногу грешки, немаше проток на топката како оној на почетокот на натпреварот, а не ги служеше ни шутот од поле. За разлика од нив „зелено-белите“ одлично трчаа и во транзиција па на крајот стигнаа до преубедлива победа.

Најрасположен во домашниот состав со 19 поени и 5 асистенции беше Калахан, додека Бојан Трајковски додаде 18 поени и 6 скока. Меѓу останатите како двоцифрени натпреварот го заврши и Игор Кесар кој додаде 17 поени и 5 скока. Најдобар во редовите на гостите беше Тремејн Исабел со 22 поена и 7 скока.

Се вчитува...