Македонската одбојкарска репрезентација ја забележа и петтата победа во низа во Европската лига, овојпат над Азербејџан со максимални 3-0 во сетови, со што „спартанците“ ја продолжуваат триумфалната низа во ова натпреварување. Денешниот триумф воедно значеше и отстранување на сите дилеми околу првото место во групата, овозможувајќи му на селекторот Балтиќ на утрешниот последен дуел со Албанија да може да тактизира и да им даде заслужен одмор на оние кои го понесоа главниот товар во изминатите десетина дена.
Слично како и на преметката во Скопје минатиот викенд, нашите одбојкари и денеска во Тирана целосно доминираа против далеку послабиот противник. Првиот сет беше добиен рутински со 25-20, а во вториот Азербејџан играше на нашето ниво само до првиот технички тајмаут, период што противникот неочекувано го доби со 6-8. Сепак, следеше одлична серија на Македонија, па „спартанците“ набрзина поведоа со 18-11, добивајќи го вториот сет со 25-16.
Третиот сет беше рутина за македонските репрезентативци, кои без проблеми славеа со 25-21, за петта победа во низа во Европската лига.
Македонија утре во последниот натпревар од групната фаза се среќава со домаќинот Албанија, по што на почетокот од месец јули ќе следи фајналфор турнирот во Копенхаген, каде „спартнците“ за ривал во полуфиналето ќе го имаат домаќинот Данска.
Само за потсетување, нашите одбојкари во последните две години стигнуваа до финалето, каде беа поразени од Словенија, односно Естонија, па желбата на сите во националниот тим е годинава Македонија да се искачи на самиот врв.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА