Петровиќ: Тежок натпревар, многу важна победа

ФМП Акадмија забележа голема победа во 3. коло од Првата кошаркарска лига откако на домашен терен славеше против Куманово во неизвесен натпревар со 91-89. Домаќините клучната разлика ја направија кон средината од последната четвртина кога поведоа со пет поени, потоа одолеаја и на агресивната одбрана на противникот и имаа „плус“ седум на влезот на последните 60 секунди, меѓутоа грешките на составот од Кисела Вода можеа да ги чинат и два бода.

„Многу тешка утакмица и за нив и за нас. Многу важен натпревар кој го добивме и пред истекот, откако влеговме во последната минута со предност од 7 разлика. Требаше да го приведеме натпреварот како што треба, меѓутоа на крајот намерен фаул на Лика, а потоа и моја глупост, добив техничка грешка, но имавме среќа, тие промашија две слободни фрлања па успеавме да победиме“ – изјави за ЕКИПА, Александар Петровиќ.

Пред натпреварот искусниот стратег истакна дека клуч за овој натпревар ќе биде контролирање на скокот, нешто што на „пантерите“ не им успеа, меѓутоа доброто трчање во транзиција од кое постигнаа 28 поени беше клучот за победа на овој натпревар.

„Немавме одговор за играта под кош на Андрејевиќ, требаше да се подготвиме за одбрана со удвојување, но немавме ни доволно време да се подготвиме поради короната. Во секој случај голема победа за нас, за овој млад тим. Одиме понатаму“ – додаде тренерот на ФМП Акадeмија.

ФМП Академија сега се наоѓа на третото место на табелата со скор 2-1, а во следното коло, кое е во среда, ќе се сретне со составот на Црн Дрим.

Се вчитува...