Петровиќ: Формата на МЗТ е во нагорна линија, очекувам победа над Пелистер

МЗТ Скопје ги загуби двата прволигашки дуели со Пелистер, па „металците“ не смеат да си дозволат „кикс“ и на денешниот меч со битолскиот состав, на кој неуспех ќе значи и губење на речиси сите шанси за пласман на првото место кое носи предност на домашен терен во текот на целиот плејоф.

Во однос на тие два меча тимот на МЗТ Скопје е значително променет, во играчкиот ростер ги има капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, како и Американецот Ајви, а аеродромци го засилија и интензитетот во играта во одбрана под водство на новиот тренер Александар Петровиќ.

„Самите резултати кажуваат дека Пелистер е квалитетна екипа, тоа е тим што од почетокот на сезонава па се досега се наоѓа на првото место на табелата. Тоа е натпревар кој е решавачки за освојување на првото место пред плејофот, очекувам квалитетен меч од двете страни. Формата по балонот од АБА2 ни е во нагорна линија, би сакал да видам што повеќе навивачи на трибините, добар натпревар и се разбира очекувам победа на МЗТ Скопје. Пред се треба да бидеме агресивни во играта, добро да го затвориме кошот, да бидеме на висина на задачата и во одбраната и во скок-играта и благодарение на тоа да стигнеме до лесни поени на спротивната страна. Пелистер е квалитетен тим кога станува збор за комбинаториката и додавањата меѓу играчите, тоа е она што ќе треба да го затвориме, исто како и „пик енд рол“ ситуациите во кои битолчани добро се снаоѓаат“, изјави Петровиќ во пресрет на денешниот меч.

Се вчитува...