Петровиќ не дозволува еуфорија: МЗТ оди меч по меч, најважно е што играме добро и што победуваме

МЗТ Скопје денеска одигра извонреден меч против лидерот Пелистер, славејќи со 19 поени разлика и јасно искажувајќи ја решеноста за одбрана на титулата на македонската кошаркарска сцена.

Тренерот Александар Петровиќ не дозволува еуфорија, свесен дека допрва претстојат уште потешки битки, до крајот на Супер-лигата, а потоа и во плејофот.

„Не треба да летаме во облаци и да дозволиме да влеземе во еуфорија. Одиме натпревар по натпревар, остануваме максимално фокусирани. Она што е најважно е што играме добра кошарка и што победуваме. Можам да ги пофалам моите играчи за одличниот пристап, за максималната работа и на тренинзите и одличната атмосфера што владее во екипата“, задоволен е искусниот стручњак.

МЗТ постигна 95 поени во убедливата победа над Пелистер, но Петровиќ како главна причина за победата ја потенцираше одбраната.

„Клучно беше што одигравме агресивна одбрана на највисоко ниво. Со тоа не му дозволивме на противникот да влезе во ритам, ги запревме и нивните акции „два на два“, по што следеа реализации на спротивната страна. Ова беше одлично тимско издание и заслужена победа што сигурно уште повеќе ќе ја крене атмосферата во екипата“, изјави Петровиќ за ЕКИПА.

Се вчитува...