Актуелната македонска фудбалска генерација вечерва со можност да запише уште една историја, и за себе и за сите идни генерации. Прв мегдан на Македонија со една од најмоќните светски репрезентации – Германија, како повеќе од шанса за потврда на фактот дека „нема што да загубиме“. Напротив, како што нагласуваат и селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев, кои се во фокусот и на германските медиуми изминативе денови, ова е натпревар од кој може само да се добие.
„Германија не е фаворит само за овој натпревар, туку тоа е вистински фаворит и кога игра за светска и европска титула. Импонираат со физичката подготовка, секако и фудбалскиот квалитет. Но, подготвени сме да одговориме како што треба и да покажеме дека сите оние наши досегашни резултати се последица и на наш квалитет. Почитта која Германците и нивниот селектор Јоаким Лев ја искажуваат за нашиот национален состав ни даваат дополнителен мотив. Често се вели дека од едни вакви натпревари нема што да загубите, но јас ќе речам дека ова е натпревар од кој може само да добиете!“ – вели Ангеловски.
Безмалку еднакво е размислувањето и на капитенот Горан Пандев…
„Не е никаква тајна дека Германија е голем фаворит, и за нас е чест и задоволство да играме против една репрезентација од ваков ранг. Но, знам дека нема што да загубиме. Знам дека ќе го дадеме сите максимумот на овој натпревар. Ова не е Македонија од пред пет-шест години, располагаме со квалитет преку кој изминатиов период докажавме дека може да се носи оваа репрезентација со секој противник, и мислам дека ќе биде еден добар натпревар. Фудбал е ова… Зошто и да не се случи чудо утре во Дуисбург?“ – вели Пандев.
Натпреварот меѓу Германија и Македонија во Дуисбург се игра со почеток од 20:45 часот на „МСВ-арената“. Претходно во првите два натпревари од групата Германија славеше против Исланд (3-0) и против Романија на гости (0-1), а Македонија загуби од Романија (2-3) и убедливо триумфираше против Лихтенштајн со 5-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА