ПОД ОБРАЧ: Добро е, почна…

Првото коло од домашното првенство е зад нас, престојниот викенд беа одиграни четири од шест натпревари во кои на победа се радуваа ФМП Академија, Куманово, Еуро Никел и Работнички. Најважно од се е што сезоната, по две одлагања, конечно стартуваше. Малиот период преостанат за  подготовка за овие натпревари по последното одложување предизвикано од коронавирусот си го направи своето, тимовите не беа на нивото на кое тренерите посакуваат, на тоа укажува и фактот дека само четири тима успеаја да реализираат над 50% од своите шута од поле, од кои Куманово, Работнички и МЗТ Скопје реализираа со 51%.

Првенецот на колото започна во Кисела Вода, каде составот на Александар Петровиќ забележа и првенец во сезоната со голема победа над Гостивар (84-75). Домаќините го контролираа натпреварот од почеток до крај, одлично трчаа во транзиција со што го анулираа поголемиот број на изгубени топки (18-13), го затворија својот рекет, па со тоа го натераа гостинот да се осврне на шутот од далечина. Гостиварци упатија еден шут за три поени (9-31) повеќе отколку за два (17-30), а реализацијата од само 29% самата говори за успешноста на овој натпревар. За разлика од тимот од Гостивар, скопјаните одиграа цврсто и во противничкиот рекет каде постигнаа дванаесет поени повеќе од противникот (40-28) и ја направија клучната разлика.

На победа се радуваше и Куманово, кој по втор пат сезонава успеа да го добие новалијата ТФТ (82-83). Двата тима се одлучија да се потпрат на играта под обрачот, а домашниот состав немаше адекватна одбрана за високиот Андрејевиќ кој доминираше под обрачот. Подолгата клупа на кумановци донесе свежина за сино-белите во втората четвртина во која се направи клучна разлика со оглед на тоа дека гостите на полувреме заминаа со +14, меѓутоа избраниците на Мирковски мораат да се придржуваат до својот моментум и да донесат стабилност во својата игра и по големо водство. Големиот број на изгубени топки (26) на кумановци донесе шанса за составот на Смилковски да се врати во игра, а потоа и да биде на чекор до изедначување во последниот напад. Тимот од Тафталиџе изгледа добро на паркетот, во два наврата новајлијата докажува дека овој тим не се откажува, што ќе биде и главниот адут на овој тим во продолжетокот од сезоната.

Тимот на Еуро Никел стигна до изненадувачки тешка победа во Аеродром против младиот состав на МЗТ Скопје Уни Банка (75-79). Долгата пауза и недостатокот од натпревари се одрази во составот на кавадарчани каде главните и искусни играчи не беа на своето претпознатливо ниво. Дарко Соколов реализираше само 7 од 16 упатени шута, Мијатовиќ реализираше 9 од своите 19, додека пак Казарновски само еден од 6. И покрај тоа што овие бројки можеби не звучат толку загрижувачки, грчот во играта беше видлив и во промашените зицери кои можеа да го чинат тимот на Самарџиев два бода. Слично како и гостите, составот на Даскаловски се мачеше во реализацијата, шутираше само 38% од поле, но умешно ги користеа грешките на противникот и прикажа игра која ветува. Она што мора да го поправат младите „штркчиња“ е протокот на топката и константното движење на теренот, онака како што доликува за еден млад состав.

Најинтересниот натпревар ова коло беше вечното дерби, по кое доколку по утрото денот се познава, не очекува интересна битка помеѓу овие два ривала во продолжетокот на сезоната. Двата тима не одиграа на очекуваното ниво, недостатоците беа видливи кај двата состава, но еден ваков натпревар, на ова ниво и под овие околности беше добро интро пред се’ за балонот во АБА2 кој претстои.


Повредите на високите играчи на МЗТ Скопје го оневозможија составот на Кочов адекватно да се одбрани од добро воиграниот „пик ен рол“ на центарци, кој како години наназад, повторно ќе биде главното оружје на тимот од „Градски Парк“. Најголемиот проблем на составот на Мираковски ќе биде алтернативата од овој напад, кој засега се базира на шутот за три поена. Црвено-белите на овој натпревар упатија само два шута за три (11-28) помалку отколку за два (19-30). МЗТ Скопје одлично ги одбрани предностите на домаќинот. Го доби скокот (26-35), ја доби играта во рекетот (26-50), но на крајот поголемиот број на изгубени топки (11-16), и почетничките грешки на самиот крај на натпреварот беа клучни во ова вечно дерби.

Едно е јасно, кошарката победи, а од коло во коло тимовите само ќе напредуваат. Време за одмор нема бидејќи веќе за два дена во етерот ќе биде новото, второ коло.

Се вчитува...