ПОД ОБРАЧ: Гладните „пантери“ од Кисела Вода

Тимот на ФМП Академија може да биде најпријатното изненадување оваа сезона. Составот од Кисела Вода игра одлично на отварањето, а домашниот терен е предност на „пантерите“ кои моментумот од претходната сезона и добата игра во „Независна Македонија“ го пренесоа и тековната со победи над фаворизираните Гостивар и Куманово.

Составот со просечна возраст од 22 години, игра одлична кошарка со добар проток на топка и долги изградени напади, но сепак без премногу компликување и екстра „пасови“. Трча одлично во транзиција, нешто што го осети составот на Куманово, а во одбраната играат агресивно, на граници на прекршок, со што го тераат противникот на грешки.

Главниот адут е тренерот. Александар Петровиќ е добро познат во макбаскетот, тренер кој години наназад од просечен тим прави надпросечен, во скопскиот состав нема ѕвезди, има тимски играчи, кои играат незаморно и без предавање. Енергијата која што ја дава Петровиќ од клупата ќе биде клучна и во преостанатиот дел од сезоната, а останатите тимови мораат сериозно да го сфатат ова гостување.

Играта се базира главно околу бековската линија. Тука се Рони Харис и Стефан Крстајиќ, играчи кои знаат да направат разлика и да поентираат во битни моменти, но мора да се напомене и дуото Лука Петровски и Горан Главчев кои носат свежина во нападот и одбраната без разлика дали започнуваат во првата постава или од клупата. Ќе биде и многу интересно да видиме дали по нивните стапки продолжат и младите Лука Стојановски и Љубиша Димитриовски.

Најголемиот проблем на „пантерите“ ќе бидат високите играчи каде немаат класичен центар. Атанасов (206), Какруки (205) и Темелковски (203) имаат проблеми кога се среќаваат со високи противнички играчи, нешто што се одрази и на дуелот со Куманово каде во рекетот доминираше Андрејевиќ (213), или пак во ситацијата „низок-висок“, она што го искористија бековите на Еуро Никел. Атлетските способности на Валмир Какруки се добри за бранење во овие ситуации, меѓутоа фали подвижност во високата линија на составот од Кисела Вода. Во истиот контекст се јавува и играта на низок пост во нападот, сегмент од играта кој не носи голем број на поени.

Тимот од Кисела Вода е на половичен скор на победени натпревари во однос на претходната сезона, во која што остварија вкупно четири, а во следното коло овој состав ќе се сретне со Црн Дрим, дуел во кој што „пантерите“ ќе влезат како фаворити со чел остварување на третата победа во сезоната.

Се вчитува...