ПОД ОБРАЧ: „Центарска“ доминација

Новата сезона не можеше да започне подобро за Работнички – две кола, два дерби дуела и две победи. Прво славје против вечниот ривал, а потоа и целосна доминација против Гостивар, барем во поголемиот дел од натпреварот.

За сето тоа да биде уште помило, двете победи доаѓаат против ривали од кои во претходната сезона загубија со 25 разлика (68-93 против МЗТ Скопје) и 14 разлика (93-79 против Гостивар), што укажува на фактот дека тимот од „Градски Парк“, кој во својот состав го задржа костурот од претходната сезона, од натпревар во натпревар игра се подобро.

Задржувањето на Ерик Питс и Стефан Балмазовиќ беше вистински избор за 15-кратниот шампион на Македонија. Играта на центарци главно се базира околку овие два играчи, меѓутоа не смее да се заборави и одличниот Девон Вашингтон кој е убедливо најдобриот шести играч на лигата овие две кола. Стабилноста која ја носи Американецот под обрачот е од големо значење за стилот на игра на Работнички и брзиот ритам. Она што останува да видиме е дали 31-годишното крило ќе добие шанса во стартната петорка на натпреварите кои следат во АБА2 Лигата, нешто што подоцна би можело да го наруши ритамот на домашната сцена.

Проблем за „црвено-белите“ е падот во играта кога во составот се два високи центри со што намалува брзината на движењето во одбрана, она што гостиварци го искористија и се вратија од големата негатива. Тука е и преголемото потпирање на шутот од далечина, кој во лош ден би можел да биде кобен за центарци, се додека не се пронајде вистинската форма на Карло Враговиќ кој во овие два натпревари шутира 4/12 зад линијата 6,75.

Пред „балон“ натпреварите во рамките на АВА2, избраниците на Димитар Мираковски ги очекува уште еден дуел на наше тло, против Кожув, кој ќе биде еден интересен натпревар со кој што двата тима ќе играат различно на паркетот, а воедно ќе биде и одличен вовед за престојните дуели со Студентски Центар, Подгорица и Ловеќен.

Се вчитува...