Покетино: ПСЖ може да му даде сè на Мбапе, наскоро ќе дознаеме дали ќе остане во Париз

Тренерот на Пари Сен Жермен, Маурисио Покетино изјави дека наскоро ќе се знае каде ќе ја продолжи кариерата Килијан Мбапе. ПСЖ ја декласираше Барселона со 4-1 во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, а младиот француски фудбалер постигна хет-трик.

Одличната игра на 22-годишниот фудбалер повторно предизвика шпекулации за тоа дали тој ќе го напушти Париз. Покетино зборуваше на оваа тема, а тој ја уверува јавноста дека ПСЖ нема лесно да се откаже од Килијан, па очекува Французинот да ја продолжи својата кариера во ПСЖ.

„ПСЖ може да му даде на Мбапе се’ што е потребно за да биде среќен. Мислам дека ситуацијата ќе се расчисти наскоро“, рече Покетино.

Аргентинскиот стручњак беше запрашан дали разговарал со Лионел Меси, бидејќи долго време се зборува дека 33-годишниот играч од Барселона ќе замине од Каталонија и ќе направи трансфер во ПСЖ.

„Само што се поздравивме. Не разговаравме за неговата иднина“, додаде Покетино.

Потсетуваме, странските медиуми пишуваа дека ПСЖ ќе побара најмалку 200 милиони евра за Мбапе, кој има договор до крајот на сезоната 2021/22. Од друга страна, Меси би можел да дојде како слободен играч во Париз.

Се вчитува...