Поставен патоказот за идниот лик на репрезентацијата…, која е разликата меѓу јунскиот и последните три есенски собири?

Македонија ги заврши квалификациите за пласман на ЕП 2024 со една третина освоени бодови од можните 24, во убедливо најтешката квалификациска група на патот до Германија, но и најтешката група која ја имаше воопшто во својата репрезентативна историја, заедно со оној прв свој квалификациски циклус за ЕП 1996, во групата со Шпанија, Данска и Белгија.

Сега, кога ќе се погледне целокупниот впечаток во групата со актуелниот европски шампион и вицешампион, и плус уште еден учесник од последното Европско првенство од кога, пак, загубивме во Букурешт, јасно е дека објективно малку кој можеше да очекува нов пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент. Затоа што убаво е да се негуваат максимални амбиции, но уште поубаво е реално да се согледува сопствениот капацитет – за да може директно во очи погледнувајќи им на недостатоците да се тежнее кон подобрување, со одважување но не самозалажување, со самоувереност а не самобендисаност.

Кога се ќе се сумира, малку погледнато и преку статистиката, факт е дека последните три репрезентативни собири од септември до ноември всушност го поставија патоказот на идниот лик на репрезентацијата. По оној лош јунски собир, кој неизбежно мораше да донесе промени во тимот, се чини низ последните пет квалификациски натпревари Благоја Милевски и стручниот штаб ги поставија темелите за новата подмладена селекција на која следната година треба да се потпира репрезентативниот фудбал. Без разлика кој и да биде идниот селектор.

Токму тие пет последните дуели, заедно и со пријателскиот натпревар со Ерменија, всушност го донесоа и најдоброто од овој квалификациски циклус за Македонија, со две победи, две ремија (против Италија и против Англија) и два порази од Италија и од Украина и вкупна гол разлика од 9-9.

Кога ќе се погледне разликата меѓу најцрните моменти од квалификациите за ЕП 2024, оној јунски собир и двата порази од Украина и од Англија, компарирано со последните пет есенски натпревари факт е дека подмладувањето на репрезентацијата не само што донесе освежување на националниот тим, туку, и фудбалски погледнато и чисто статистички, го издвои најдоброто. Што ќе каже, токму тоа подмладување е насокот кон која, сакале или не, мора да се движи репрезентативниот фудбал. И тоа мора да се издржи!

Младите Бојан Димовски, Јован Манев, Бојан Миовски, Јани Атанасов, Агон Елези како и дебитантот Исник Алими, кои ги немаше воопшто во јуни, во директни пресметки со европските гиганти Англија, Италија и Украина, не само што не „изгореа“, но потврдија во неколкумесечен континуитет дека и тоа како се иднината на репрезентацијата, како замена за искусните Ристовски, Трајковски, Адеми, Несторовски, Велковски… (кои во изминатите 7-8 години беа основата на националниот тим), а кои ги немаше на ниту еден од трите најдобри натпревари на Македонија во овие квалификации (Италија (1-1), Малта (0-2) и Англија (1-1)), но и незаслужениот гостински пораз од Украина.

Јасно е дека токму Миовски, Атанасов, Елези, Алими, Димовски, Манев…, а дополнети со Зајков, Серафимов, Милан Ристовски, Чурлинов, Костадинов, Бабунски, Даци, Митровски… и заедно со лидерите на националниот тим Барди, Елмас, Димитриевски, Муслиу, Трајковски, Алиоски…, треба да бидат темелот кој мора да се форсира низ следниот квалификациски циклус во обидот за изградба на резултати по мерка.

Одбраната е најслабата карика, најголем број примени голови во еден квалификациски циклус

Статистиката од овој квалификациски циклус, пак, покажа дека одбраната е најслабата алка во репрезентацијата. Македонија прими дури 20 голови во осум натпревари, што е најмногу досега во историјата низ еден квалификациски циклус. Иако мора да се нагласи и тоа дека дури 12 се од само два натпревари (против Англија и Италија на гости). А, во останатите шест пресметки – осум погодоци.

Ако нападот, со 10 постигнати гола на осум меча, е и нешто над нашиот просек во досегашните циклуси, тогаш и тоа како одбраната е таа за која во иднина ќе мора да се бара сериозно решение. Македонската селекција низ актуелниот квалификациски циклус покажа дека сака да игра и отворен фудбал со желба за надигрување со секој противник, но тоа се разбира не може да ја исклучи неопходноста од далеку посигурна одбрана како основа за позитивен резултат.

Се вчитува...