Потврда од клубот од Аеродром: Бре Ајви е нов кошаркар на МЗТ Скопје (ФОТО)

МЗТ Скопје изминатиот викенд ја круниса успешната сезона во АБА2 лигата со пласман во „елитата“ на регионалната кошарка, но остана тага за трофејот кој беше загубен по продолженија. Регионалното натпреварување веќе е зад аеродромци, а сите погледи се насочени кон одбрана на лигашкиот трофеј за што скопскиот клуб ќе може да смета на услугите на Бре Ајви.

Американецот кој пристигна во македонското првенство и Академија ФМП при самиот почеток на сезоната се наметна како еден од најдобрите странци во првенството со просек од 17 поени, 4.6 скока и 3.4 асистенции, а со успех ги бранеше боите на тимот од Кисела Вода и во БИБЛ лигата каде на осум средби просечно реализираше 23.4 поени, 4.5 скока и 2.7 асистенции.

Ајви ќе биде огромно засилување за МЗТ Скопје кој мака мачи со бековската позиција по заминувањето на Дастин Вер и потфрлувањето на неговата замена Морис Кари. Дебито на Ајви се очекува на натпреварот против ТФТ кој е на програмата утре со почеток од 19 часот.

Се вчитува...