Пред Покетино е многу работа, само бод на дебито за ПСЖ

Маурицио Покетино ќе има полни раце работа за да го претвори ПСЖ во победничка машинерија откако „светците“ одиграа само 1-1 на гостувањето против Сент Етјен, прв меч на овој тим откако Аргентинецот седна на клупата по отказот што му беше врачен на Томас Тухел. Јасно е дека бројните отсуства поради повреди  и болест оставија трага врз изданието, но очигледно е дека ПСЖ е предалеку од нивото на кое катарските газди очекуваат да ги гледаат своите скапо платени „ѕвезди“.

Денешниот меч почна со наивна грешка на Геје по која Сент Етјен прв поведе, „светците“ набрзина се рехабилитираа и преку Кеан стигнаа до израмнување, но избраниците на Покетино немаа сили да направат целосен пресврт и да освојат три бода на овој натпревар. Сарабија ја имаше најубавата шанса во 93. минута, но неговиот обид од седум-осум метри заврши високо над гредата.

Лион останува осамен на врвот откако оваа екипа рутински славеше над Ленс со 3-2. Лион поведе со 3-0 со головите на Депај (два) и автоголот на Фортес, а гостите во самиот финиш успеаја да стигнат до минимален пораз. Лион сега има 39 бода на првото место, пред Лил и ПСЖ со по 36 бода на своите салда.

Лил го загуби чекорот со Лион откако вечерва неочекувано загуби на домашен терен од Анже со 1-2. Гостите изненадувачки одлично го почнаа мечот, поведувајќи со 0-2 со двата гола на Томас во 5. и во 10. минута, а Лил само го ублажи поразот со погодокот што Јилмаз го постигна пред крајот на првото полувреме.

Се вчитува...