Прециози: Скандал е што не досудија пенал над Пандев

Џенова загуби на „Олимпико“ против Рома со 3-2, но големи полемики во Италија се водат за недосудениот пенал над Горан Пандев во судиското продолжение од мечот. Флоренци во скок го турна Пандев оневозможувајќи го да ја зафати топката во изгледна позиција, а судијата Марко Ди Бело не покажа на белата точка, ниту побара прегледување на ситуацијата со ВАР.

Претседателот на Џенова, Енрико Прециози, реагираше бурно и истакна дека ова е голем скандал во италијанскиот фудбал.

„Судијата не сакаше да го консултира ВАР – системот, ова е голем скандал. Пеналот над Пандев беше очигледен. После една ваква ситуација, прашање е зошто воопшто воведовме употреба на помош од технологијата. Не е проблемот во ВАР, туку во луѓето и во намерата што ја имаат одредени структури. Ние заслуживме да останеме непоразени во Рим, а тоа не ни беше дозволено“, изјави Енрико Прециози.

Горан Пандев влезе во игра во 68.минута и во финишот беше еден од најзабележителните фудбалери на гостинскиот тим во обидот Џенова да стигне до израмнување.

 

Се вчитува...