Проблем на стартот – позитивен кошаркар пред самиот почеток на сезоната

Тестирањето во пресрет на првото коло од кошаркарската сезона го донесе и првиот проблем, еден од кошаркарите на КК Вардар е позитивен на Covid-19, па сега е крајно неизвесно одигрувањето на премиерниот меч на „црвено-црните“ против екипата на Црн Дрим.

Раководството на „црвено-црните“ веќе ги известило челниците на КФСМ за ваквиот развој на настаните, а од „куќата на кошарката“ се очекува одлука во текот на денот, дали овој натпревар ќе се одигра или ќе биде одложен.

„Најновите тестирања во нашиот клуб покажаа дека еден кошаркар е позитивен. Испративме допис до федерацијата, се уште немаме одговор. Испративме допис до Институтот за Јавно Здравје, од каде очекуваме да ни бидат дадени насоки. Реално, натпреварот не би требало да се игра. Точно е, сега имаме само еден позитивен, но лесно може да се случи во следните еден до два дена и други играчи да развијат симптоми и болеста да се рашири низ целиот клуб. Тука е и противничкиот клуб, за кого исто така ќе биде ризик да настапува на еден ваков натпревар. Очекувам одлука од федерацијата“, порачуваат од КК Вардар.

Се вчитува...