Проблем за МЗТ: Незгодна повреда на Крстевски

Малерите со повредите на Бојан Крстевски што го следат македонскиот репрезентативец продолжија и на денешниот дуел меѓу МЗТ Скопје и Еуро Никел, на кој Крстевски се соочи со нов неочекуван проблем.

Се играше втората четвртина кога искусниот центар без контакт со противнички играч се пожали на болка во грбот, по што играта веднаш беше прекината. Веднаш се виде дека повредата не е нималку наивна, па по неколкуминутен лекарски третман тој беше повлечен од игра и лекарите и физиотерапевтите на МЗТ продолжија да му укажуваат помош крај теренот.

Во второто полувреме тој остана на клупата облечен во тренерки, а јасно е дека пред овој квалитетен домашен играч е нова пауза надвор од терените. Деталните лекарски прегледи ќе покажат колку тој ќе паузира, но повеќе од јасно е дека Крстевски ќе биде крајно потребен за стартот на плејофот, во кој „металците“ ги очекува одбрана на шампионската титула.

Се вчитува...