Кожув долго време важеше за клуб без позитивен случај на Covid-19 во своите редови, но коронавирусот неодамна влезе и во таборот на прволигашот од Гевгелија. Ситуацијата е сериозна, позитивни се повеќе од половина од кошаркарите, а бидејќи кај дел од нив се појавиле и нешто потешки симптоми, издадени им се решенија за самоизолација во времетраење од 20 дена.
„Ситуацијата е далеку од поволна. Членовите на стручниот штаб и уште неколку кошаркари со два негативни тестови имаат можност да тренираат индивидуално. Остатокот, повеќе од половина од играчите се во самоизолација од 5 декември. Поради појавени симптоми сите се со решенија за 20-дневна изолација, а јасно е дека по враќањето ќе им биде потребно време за да влезат во форма“, информираат од КК Кожув.
Кожув минатиот викенд требаше да игра со Академија ФМП, мечот беше одложен, а јасно е дека тимот од Гевгелија нема да може да ги одигра ниту следните натпревари на кои за противници ќе ги има Гостивар, Еуро Никел и Куманово.
Со ова уште повеќе се компликува мисијата за завршување на првенството, со оглед на фактот дека ниту едно од досегашните седум кола не беше одиграно во комплетен распоред.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА