Продолжува Бундес-лигата: Баерн без пола тим, Нагелсман повика двајца 16-годишни фудбалери

Возбудувањата во германскиот шампионат продолжуваат вечерва, а премиерниот дуел во Бундес-лигата се очекува да биде суперинтересен, со оглед на фактот дека Баерн Минхен ја пречекува Борусија Менхенгладбах. Јасно е дека актуелниот првак е голем фаворит, а избраниците на Нагелсман ќе имаат дополнителен мотив бидејќи во Купот на Германија беа елиминирани токму од тимот од Менхенгладбах, и тоа со убедливи 5-0.

Воедно, Борусија е единствениот тим што има позитивен скор во дуелите со Баерн во последните шест сезони, во кои на вкупно 16 средби тимот од Менхенгладбах има осум победа, наспроти шест на Баерн и две нерешени средби. Згора на тоа, Баерн се соочува со огромни проблеми со составот во пресрет на вечерашниот натпревар, за кој за баварскиот гигант нема да можат да настапат Нојер, Дејвис, Хернандез, Сане, Горецка, Упамекано, Станишиќ, Чупо Мотинг и Сар.

Поради ова, Нагелсман беше принуден во составот да вклучи двајца 16-годишни играчи заврска, Аријон Ибрахимовиќ и Пол Ванер.

„Двајцата се исклучително талентирани. Ситуацијата е таква, што ако треба да се извлече позитивна работа, тоа е што ќе можеме да промовираме млади и талентирани играчи“, прокоментира Нагелсман.

Се вчитува...