Продолжува победничката серија на Работнички – славје и против незгодниот Еуро Никел

По месец и половина, Работнички се врати на паркетот во домашното првенство и успеа да слави со 89-85 над Еуро Никел во заостанатиот натпревар од четвртото коло. Натпреварот беше отсликан со две различни полувремиња во кои домаќините белснаа во првите дваесет минути, додека гостинскиот состав успеа да се врати во вториот дел, но недоволно да стигна и до четвртата победа во сезоната.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на Враговиќ на едната и Мијатовиќ и другата страна, кои ги постигнаа поголемиот дел од поените на својата екипа. Иницијативата прв ја превзема Работнички кој преку две тројки од транзиција на Вашингтон стигна до предност од 16-10, меѓутоа гостите од Кавадарци вратија со ист „рецепт“ на спортивната страна, па преку доброто трчање остваруваа лесни поени со кои стигнаа до предност од 21-25 по првите десет минути. На стартот на втората четвртина, Работнички се откажа од шутот за три поени, добро одигра во „пик“ ситуациите, кои носеа отворени шута од поле или положување кон противничкиот обрач. Еуро Никел се мачеше да постигне поени, „сино-белите“ промашуваа зицери, пет минути беа без постигнат поен, а тоа го искористи Работнички кој стигна до двоцифрена предност (36-25). Избраниците на Самарџиев успеаја да заиграат за ниво подобро, меѓутоа тоа не беше доволно за Работнички да не ја зголеми предноста. Моментумот на најтрофејниот клуб продолжи до крајот на полувремето и стигнаа до предност од 54-37.

По големата негатива од првиот дел, Еуро Никел не се предаде, напротив ги користеше грешките на Работнички, одигра одлично во транзиција и под обрачот на гостинот, го лимитираше пристапот до својот рекет и стигна до негатива од еден напад (68-66) во 27. минута од натпреварот. Работнички ја стабилизираше играта и фати ритам до крајот на третата четвртина па ја врати „комотната“ предност на 75-66. Речиси три минути им беше потребно на „црвено-белите“ да стигнат до првите поени во одлучувачката четвртина во која гостинскиот состав преку Соколов и Мијатовиќ успеа да стигне до изедначување од 75-75, и наговести неизвесна завршница. Играта „кош за кош“ во која двата тима го менуваа водството и главно постигнуваа поени преку играта под противничкиот обрач траеше се до последната минута од натпревар кога при негатива од 83-85 на сцена настапи Девон Вашингтон кој со две тројки донесе предност од 89-85 за Работнички на 39 секинди пред крајот на натпреварот. Еуро Никел имаше шанса да се врати во игра, но тимот од Кавадарци со две изгубени топки ја прокоцна својата шанса за второ славје по ред во главниот град.

Пет играчи до домашниот состав имаа двоцифрен број на поени од кои Девон Вашингтон беше најрасположен со 20 поени и 7 скока, додека по 13 поени постигнаа Ерик Питс и Стефан Балзазовиќ. Американецот додаде и 5 скока и 5 асистенции. Данило Мијатовиќ беше првото име кај гостите со 25 поени и 7 скока, Дарко Соколов додаде 19 поени, 7 скока и 6 асистенции, додека како двоцифрен со 15 поени и 5 асистенции натпреварот го заврши и Александар Влаховиќ.

Се вчитува...