Прва победа за шампионот, славје и на Куманово во неизвесна завршница

МЗТ Скопје успеа да го одбрани домашниот терен и да стигне до првата победа во сезоната, откако славеше над Кожув со 81-75 во 2. коло од Првата македонска кошаркарска лига.

По спорото темпо на почетокот на натпреварот двата тима се консолидираа и заиграа поатрактивно на паркетот. МЗТ Скопје го контролираше скокот, ги користеше и грешките на гостинот од Гевгелија па на полувремето поведе со 44-36.

Избраниците на Кочов одиграа поумешно и на почетокот на третата четвртина во која стигнаа и до најголемата предност од +13 (53-40), меѓутоа третата лична грешка на Олуџоби донесе потешкотии во рекетот. Тоа го искористи Кожув кој со добрата одбрана под својот и добрата игра под противничкиот кош успеа да намали на 59-57 на крајот на третата четвртина. Сепак враќањето на високите играчи на „сино-белите“ одново донесе стабилност во играта на домашниот состав, гостите промашуваа отворени шута за три поени па двата бода заминаа во рацете на МЗТ Скопје.

Андрија Бојиќ беше незапирлив во сино-белиот дрес со 25 поени, додека по 10 поени додадоа Андреј Магдевски и Адем Мекиќ на кои плејмејкерот додаде и 7 скока и 4 асистенции. Кај тимот на Кожув прво име беше Антван Максвел со 25 поени и 9 скока, додека Марко Симоновски натпреварот го заврши со 14 поени.

На победа се радуваше и Куманово кој одново славеше во неизвесна завршница, овој пат против МЗТ Скопје Уни Банка со 77-73. Домаќините го диктираа темпото на натпреварот во големиот дел од првото полувреме, имаа и +19 (42-23) во 16 минута, меѓутоа на крилјата на Исабел, „штркчињата“ успеаја да се вратат на негатива од 44-36 по 20 минути игра. Добриот моментум од првото полувреме, гостите го пренесоа и во вториот дел, меѓутоа немаа среќа во неизвесната завршница, каде мирната рака на кумановци донесе нови два бода за составот на Мирковски.

Александар Андрејевиќ и Јован Црниќ запишаа по 16 поени за домашниот состав на кои центарот додаде и 11 скока, додека прво име кај гостинот беше Тремејн Исабел со 21 поен и 6 асистенции.

Се вчитува...