Првата лига се враќа и во Гостивар: Димитриевски најавува победа против Вардар

По повеќе од еден месец прволигашката кошарка се враќа во Гостивар каде во натпреварот од деветтото коло, „сино-белите“ ќе го угостат младиот тим на Вардар.

Гостиварци пред долгата пауза се наоѓаа во серија од две победи во низа со што избраниците на Србиновски се рехабилитираа по лошиот старт на сезоната и поразите од Академија ФМП и Работнички. Шансата за продолжување на добрата серија е на денешниот дуел против Вардар, во кој гостиварци апелираат на претпазливост.

„Вардар влегува во овој дуел со натпреварувачки ритам од три последователни натпревари, за разлика од нас кои повеќе од месец дена немаме одиграно натпревар. Со оглед на тоа дека оваа сезона е многу непредвидлива, како натпреварувачки така и резултатски аспект, па мораме да бидеме претпазливи бидејќи овие натпревари се многу незгодни, но ние ќе го дадеме максимумот со цел да стигнеме до позитивен резултат“ – изјави капитенот на Гостивар, Ренато Димитриевски.

Вардар ја започна сезоната со три порази, меѓутоа „црвено-црните“ на дуелите со ТФТ и Академија ФМП само „една топка“ ги делеше од победа. Избраниците на Јованчев ја прифаќаат улогата на аутсајдер, меѓутоа како на секој натпревар, така и на овој, одат на изненадување со цел да се освојат двата бода.

„На натпреварите со ТФТ и Академија ФМП бевме блиску до победа, но немавме среќа во завршницата па се надеваме дека во следните натпревари таа ќе биде на наша страна. Гостивар е поискусна екипа од нас, но ние одиме да одиграме добар натпревар и се надеваме на победа“ – изјави еден од предводниците на Вардар оваа сезона, Виктор Ташковски.

Се вчитува...