Работнички пак под блокада за долгови кон екс-играч

Неплаќање на долговите кон поранешните кошаркари е пракса во Работнички долги години наназад, а токму тоа е причината за новата блокада на сметката на „центарци“. Поранешниот центар на Работнички, Кирил Павловски, долго време се обидуваше да најде заеднички јазик со раководството на клубот, а откако сите ветувања останаа неисполнети, тој се реши правдата да ја бара по судски пат.

И кога го доби случајот, бидејќи има валиден договор и неисплатени плати според истиот, сега по правен пат ќе ги наплати парите што му се должат.

„Предолго разговаравме, се молевме, но не најдовме заеднички јазик, да ми ги дадат парите што ми следеа во периодот кога го носев дресот на Работнички. Цели четири години траеше мојата борба, конечно го добив спорот“, открива Кирил Павловски.

Сега Работнички ќе мора да ги плати и судските трошоци, како и трошоците за извршителите, но останува дилемата, дали „центарци“ некогаш ќе научат, да ги расчистат еднаш засекогаш долговите (дефинитивно имаат буџет за да го покријат тоа) и да почнат да функционираат како нормален клуб, без страв од блокада.

Се вчитува...