Работнички потврди: Американецот Питс е позитивен на Covid-19

Американскиот кошаркар на КК Работнички, Демиер Питс е позитивен на Covid-19 при тестирањето што било извршено откако овој играч се пожалил на симптоми на коронавирус. Иако првичните информации говореа за двајца кошаркари на „центарци“, од управата на Работнички објавија дека Питс е единствениот од таборот на овој клуб што имал позитивен тест на коронавирус.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека американскиот плејмејкер Демиер Питс, кој неодамна ја продолжи соработката со КК Работнички е позитивен на вирусот КОВИД -19. Кај Питс е евидентиран позитивен тест, по направените редовни контролни тестирања од страна на раководството на КК Работнички. Тестирани се и останатите играчи, кадешто тестовите се негативни на вирусот КОВИД-19. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување, Американецот Демиер Питс останува во изолација“, објавија од КК Работнички.

Од управата на „црвено-белите“ очекуваат тоа да не се одрази врз плановите за стартот на сезоната, во кој Работнички уште во првото коло ќе го игра вечното дерби против МЗТ Скопје.

„Почитувајќи ги протоколите за работа и мерките од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство, КК Работнички продолжува со редовна работа и одржување на тренизите со останатиот кошаркарски тим, за подготовка на домашните првенства и меѓународни натпреварувања. Му посакувам брзо опоравување на Демиер Питс и враќање во тимот со останатите соиграчи. За сите дополнителни информации, навремено ќе ја информираме јавноста за состојбата на нашиот колега. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат мерките и да бидат индивидуално одговорни за заштита на колективното јавно здравје“, изјави директорот Ненад Павловски.

Се вчитува...