Работнички заминува од „Градски парк“

Екипата на Работнички заврши со настап во својата сала „Градски Парк“ и почнувајќи од утре домашните натпревари ќе ги игра во салата „СРЦ Кале“. Токму „СРЦ Кале“ е наведена како сала каде ќе се одигра претстојниот заостанат натпревар меѓу „центарци“ и кавадаречки „Еуро Никел“ , закажана за среда со почеток во 17 часот.

Со оваа сала управува КФСМ, но од „куќата на кошарката“ уште пред извесно време најавија дека се подготвени да излезат во пресрет на клубовите кои ќе покажат интерес да играат во оваа арена.

Работнички начелно беше договорен уште пред извесно време, но потоа изненадувачки настапи во „Градски парк“ на дербито од првото коло против МЗТ Скопје. „Центарци“ потоа имаа две гостувања, во Гостивар и во Гевгелија, по што следеше пауза, најпрвин поради нивниот настап во АБА2-лигата, а потоа и поради нови случаи на коронавирус во тимот на Димитар Мираковски.

Најважно од се е што здравствениот билтен во меѓувреме се стабилизираше, па најтрофејниот македонски клуб е подготвен за враќање на терен, и тоа во сала што ги задоволува основните услови за нормален меч, нешто што веќе извесно време не беше случај со „Градски Парк“.

Се вчитува...