„Распад систем“ на Челси, Вотфорд слави голема победа

Актуелниот англиски првак Челси повторно се посрамоти, овојпат против екипата на Вотфорд со пораз од 4-1. Во последниот натпревар од 26. коло во Премиер – лигата, фудбалерите на Антонио Конте го претпеа вториот пораз во низа откако во претходното коло доживеаја дебакл од 3-0 пред своја публика од Бурнемаут.

Домаќините до првото водство стигнаа кон завршницата на првото полувреме откако Жерар Делофеу беше фаулиран од Куртоа во шестнаесетникот изнудувајќи најстрога казна во корист својата екипа. Капитенот Трој Дини беше прецизен од белата точка за 1-0. За работите да бида уште потешки за „сините“, Бакајоко десетина минути претходно го заработи вториот жолт картон и ги остави своите колеги на цедило.

Во второто полувреме Челси притискаше за изедначување, а го доби во 82. минута по еден прекрасен погодок на Еден Азар, но веќе во следните осум минути нов дебакл за клубот од Лондон. Вотфорд набрзина постигна три гола преку Јанмарт, Делофеу и Переира и ги постави конечните 4-1.

 

Се вчитува...