Роберто Парондо – триумф на смиреноста

Ако Раул Гонзалес со работата низ годините во Вардар го заслужи епитетот „тивок генијалец“, како тогаш да се опише неговиот наследник Роберто Гарсија Парондо, по карактер уште потивок и поскромен од „Ел Команданте“. Неговиот предизвик е уште поголем – дојде на чело на тим напуштен од клучните ракометари, а згора на тоа мораше да го вади максимумот од играчи кои цела сезона не ги земале парите што ги имаат договорено со управата.

И Парондо успеа  – не само да се пласира на фајналфор во Келн, туку и таму да ја нокаутира Барселона. А кога неговите избраници бурно славеа со своите верни фанови во „Ланксес Арена“, тренерот скромно минуваше низ микс-зоната. Среќен – да. Горд – сигурно. Но во ист момент и тотално смирен, без ниту ронка еуфорија.

Тоа е големината на Парондо, и кога губеше со „минус седум“ им кажа на ракометарите да играат како да водат со „плус два“ во второто полувреме од полуфиналето. А кога тоа вроди со плод, Шпанецот остана цврсто на земја, свесен дека триумфот му го донесе смиреноста, која не дозволи целосен колапс на неговата екипа кога многумина би излегле на терен со „бело знаме“ во вторите 30 минути.

А токму таа смиреност ќе биде еден од главните адути на Вардар во денешното финале, бидејќи Парондо сезонава веќе покажа дека знае како се победува унгарскиот гигант.

Се вчитува...