Садио Мане исклучен од составот на Баерн Минхен за мечот против Хофенхајм

Садио Мане е исклучен од составот на Баерн Минхен за престојниот натпревар во Бундеслигата викендов против Хофенхајм на домашен терен, информираше официјално германскиот шампион.

„Садио Мане нема да биде вклучен во тимот на Баерн за овој саботен натпревар на домашен терен против Хофенхајм. Ова се должи на неговото недолично однесување по натпреварот на Баерн од Лигата на шампионите против Манчестер Сити. На Мане ќе му биде изречена и парична казна“ – информира раководството на Баерн Минхен.

Мане, како што е познато, ги шокираше сите во клубот откако беше обелоденето дека по поразот од Манчестер Сити тој физички го нападнал соиграчот Лирој Сане.

Мане го удрил Сане и само реакцијата на соиграчите спречила уште посериозен инцидент, но оваа глупост скапо ќе го чини Сенегалецот. Информациите од Германија говорат дека сите фудбалери на Баерн се свртеле против Мане, оценувајќи го неговото однесување како недозволиво. Тухел ќе има полни раце работа да ја среди атмосферата во тимот кој се бори за титулата во Бундеслигата. Голема е веројатноста дека Мане, и доколку во иднина се врати во комбинација за настап, наредните натпревари ќе биде „закован“ за клупата за резерви.

Се вчитува...