Салах сака во Реал, Мбапе доаѓа во Ливерпул?

Мохамед Салах би прифатил да си замине од Ливерпул доколку Реал Мадрид тргне во офанзива за да го потпише големиот ас, открива долгогодишниот соиграч на Салах од египетската репрезентација, Мохамед Абутрика. Токму Абутрика важи за еден од најдобрите пријатели што извонредниот голгетер ги има во татковината, а тој во интервју за египетските медиуми обелодени зошто Салах се почесто е несреќен во Ливерпул.

„Фараонот“ пред неколку дена во изјава за шпанскиот „Ас“ изјави дека бил разочаран што не ја добил капитенската лента на дуелот со Митјиланд, не криејќи дека е отворен за преселба во Шпанија, а Абутрика само ги потврди таквите најави.

„Мо е навидум среќен во Ливерпул, но има се повеќе проблеми што почнуваат да му пречат. Капитенската лента со Митјиланд е една од работите, тој смета дека заслужил да ја носи, а Клоп му ја даде на Александер Арнолд. Исто така, тука е и борбата за најголемите индивидуални признанија. Салах верува дека ако имал таква сезона со Реал Мадрид, сигурно ќе ја освоел Златната топка. Трансферот делува се поизвесно, се чини дека и Ливерпул ќе сака да го продаде летово, пред се од финансиски причини“, изјави Абутрика.

Британските медиуми не ја отфрлаат можноста за заминување на Салах, но доколку тоа се случи „црвените“ ќе тргнат во тотална офанзива по Килијан Мбапе. Реал Мадрид исто така е загреан за Мбапе, но доколку „кралевите“ го потпишат Салах многу извесно е дека во услови на финансиска криза нема да можат да си дозволат уште еден мегатрансфер. Во таква ситуација, Ливерпул би тргнал во офанзива по Мбапе, кој би бил достапен за околу 100 милиони евра (ќе има само уште 12 месеци од актуелниот договор со ПСЖ) како суперзасилување и повеќе од достојна замена за Салах.

Се вчитува...