Корона-протоколите го „расипаа“ и германското супер-дерби

Борусија Дортмунд во петок ќе почне одново да продава билети за дербито со Баерн Минхен кое се игра во сабота во 18:30 часот на „Сигнал Идуна Парк“. Здравствените власти на Вестфалија дозволија на трибините да има 15 илјади гледачи, откако првично беше најавено дека трибините ќе бидат целосно затворени.

Дербито беше најавено пред полн стадион, за потоа капацитетот да се намали на 60.000 гледачи, а потоа здравствените власти на Германија препорачаа фудбал пред празни трибини. Борусија веќе почна да ги враќа парите на гледачите кои купиле билет, а во текот на вчерашниот ден официјално добија дозвола за присуство на 15.000 гледачи.

Се претпоставува дека ќе има во продажба 13.000 билети, додека 2.000 ќе бидат резервирани за ВИП лица и за двата клуба.

Предност ќе имаат оние со сезонска карта, како и оние кои веќе долго време во континуитет присуствуваат на натпреварите на Борусија Дортмунд.

Германските власти исто така им дозволија и на другите клубови да примаат 50% од капацитетите за оние кои имаат стадиони со капацитет помал од 30.000 места, додека за другите ќе се дозволи примање најмногу 15.000 гледачи. Гледачите треба да бидат вакцинирани или прележани, или да имаат негативен ПЦР тест.

Се вчитува...