Само полесен „тренинг меч“ за Македонија: Гибралтар испратен со четири „парчиња“

Македонската фудбалска репрезентација вечерва лесно го реши Гибралтар во 4. меч во групата Ц4 во Лигата на Нации. Победа од 4-0, која на крајот можеше да биде изразена и со повисока разлика, да беа искористени уште неколку шанси во првото полувреме, кога беа постигнати сите четири гола.

Избраниците на Благоја Милевски брзо го отворија противникот, а потоа беше лесно да се игра и да се даваат голови на противникот, кој немаше никакви шанси да „чепне“ нешто од ова гостување.

Уште во 4. минута Енис Барди од слободен удар од 25 метри го најде патот до голот, а потоа разиграната Македонија брзо дојде и до 2-0. Стрелец беше Миовски во 14. минута. Нафрли Барди од левата страна од слободен удар, а Миовски од тешка позиција со глава стрелаше во голот.

Две минути подоцна повторно Миовски. Овој пат во соло акција, сам заврши и го измами голманот Банда за убедливи 3-0. На четвртиот гол се чекаше 15 минути. Во 31. минута Чурлинов погоди во празната мрежа по одличната акција која ја почна Барди, па Тодороски на десната страна само му „сервираше“ топка за лесен погодок.

Во второто полувреме Благоја Милевски го измеша составот. Ги повлече од игра и Барди, и Алиоски, излезе и Чурлинов, а шанса добија дебитантите Димовски, Етеми, Фазлагиќ. Потоа и Елмас го напушти теренот, за да добие шанса Гроздановски. Имаше само една посериозна шанса за Македонија откако Етеми ја погоди стативата во судиското надополнување, но промена на резултатот немаше.

Со овој меч завршува серијата од четири натпревари во Лигата на Нации, која продолжува во септември со последните два натпревари на Македонија, на гости со Грузија и дома со Бугарија.

Во септември, Македонија на 22. септември најпрво гостува на Грузија во Тбилиси, во се чини одлучувачкиот натпревар, а потоа на 26. септември на домашен терен ја пречекува Бугарија. Грузија, пак, во последното коло ќе гостува во Гибралтар.

Се вчитува...