Се појави и снимка: Наинголан прави глупости во Интер за да се врати во Рома

Недисциплината на Раџа Наинголан воопшто не е случајна, туку дел од неговиот план што поскоро да си замине од Интер и да се врати назад во Рома. Италијанските медиуми објавија дури и аудио-снимка од разговор на проблематичниот фудбалер со негов добар пријател, во која Наинголан отворено признава дека сака да се врати во Рим, но и дека за тоа да се случи ќе биде неопходно да направи хаос во неговиот сегашен клуб.

„Мајко мила, овде сум распнат… сакам да се вратам. Сите мислат дека сум готов, но ќе им покажам дека не е така. Кога ќе се докажам, навивачите на Интер ќе дојдат да ме бакнуваат во задникот. Пријател сум со Тоти, знам дека може да ја истурка работата, но за тоа да се случи јас би морал да направам хаос овде“ – се обраќа Наинголан на свој пријател.

Иако нема гаранција дека снимката е вистинита, таа добива на веродостојност ако се земе во предвид однесувањето на Наинголан во последно време. Белгиецот лудувал во дискотека во Милано по ремито со Киево, по што задоцнил на тренинг, за управата да реши да го суспендира и да го казни со 100.000 евра. Дефинитивно, хаосот почна, а „нероаѕурите“ се подготвени да го продадат. Само прашањето е дали Рома би платила 40 милиони евра (летово го продаде за 38 милиони) за фудбалер кој е максимално проблематичен и би можел експресно да ја наруши атмосферата и на „Олимпико“.

Се вчитува...