СЕНЗАЦИОНАЛНА МАКЕДОНИЈА: Историска победа над Германија!

Македонската репрезентација на најдобар можен начин запиша уште една историја за македонскиот фудбал. Во првиот историски дуел со една од најмоќните светски репрезентации избраниците на Игор Ангеловски стигнаа до сензационална победа над Германија од 1-2 среде Дуисбург .

Македонија, наспроти доминацијата на домаќините, ги шокираше Германците уште во финишот на првото полувреме со погодокот на капитенот Горан Пандев благодарение на асистенцијата на Енис Барди.

 

А, претходно се беше во знакот на домашните. Во 9. минута првата 100% шанса за Германците. Одлична акција по десната страна, Горецка осамен на 15 метри одлично шутира, но гредата од голот на Димитриевски спречува водство на домашната селекција.

Во продолжението, блокиран обидот и на Емре Чан во 14. минута, а во 27. минута Столе Димитриевски одлично го брани и шутот на Гнабри од извонредна позиција.

Во 32. минута повторно 100% шанса за Гнабри, осамен на десеттина метри откосо од десната страна, по додавање на Горецка, но шутира над голот на македонскиот голман.

И конечно првиот обид на македонската селекција кон противничкиот гол во 40. минута. Езгијан Алиоски изведен слободен удар од околу 30 метри од левата страна од аут-линијата, топката незгодно отскокна пред домашниот гол но Тер Штеген успеа да одбрани. Сето тоа, дополнето на крај со извонредна акција во втората минута од судиското продолжение преку голот на Горан Пандев за водство од 0-1 на полувремето.

Во вториот дел, повторно одлична агресивна, цврста игра пред нашиот гол не дозволувајќи ниту една шанса за фаворитите. Се до 62. минута, кога Алиоски стартуваше врз Сане, а за рускиот судија тоа беше пенал. Сигурен реализатор од белата точка беше Гундоган за израмнување во 63. минута на 1-1.

Но, тоа не ги „здрма“ избраниците на Игор Ангеловски, кои секогаш знаеја да бидат опасни кон противничкиот гол. Па во 76. минута очигледен пенал за Македонија по играта со рака пред својот гол на Емре Чан. Но рускиот судија Карашев не суди удар од белата точка.

Сепак, казната за Германците следи во 85. минута по одличната акција на Аријан Адеми и новиот „тика-така“ гол на Елиф Елмас за 1-2. Сето тоа повеќе од доволно за ИЗВОНРЕДНА ПОБЕДА ПРОТИВ ПОВЕЌЕКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН!

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (3. коло)
ГЕРМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-2 (0-1)
МСВ-арена во Дуисбург. Натпревар без публика. Главен судија: Сергеј Карашев (Русија). Ж. картони: Госенс, Рудигер (Г); Велковски, Пандев (М). Стрелец: Гундоган 63′(п) – Пандев 45’+2, Елмас 85′ (М).
ГЕРМАНИЈА: Тер Штеген, Емре Чан, Рудигер, Гинтер, Госенс (56′ Јунес), Горецка, Кимих, Гундоган, Хаверц (56′ Вернер), Гнабри, Сане
Селектор: Јоаким Лев
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски (90′ Ристевски), Николов (59′ Бејтулаи), Адеми, Барди, Елмас, Пандев (90′ Стојановски), Трајковски (72′ Спировски)
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...