Сезоната стартува со три меча викендов, вечното дерби следната среда

Новата сезона од кошаркарскиот шампионат ќе почне спорeд планираното претстојниот викенд без оглед на седумте позитивни случаи на Covid-19 во таборот на Академија ФМП. На последниот состанок во „куќата на кошарката“ беше донесена одлука да нема ново одлагање, сезоната да стартува на 10 октомври, а во неа ќе учествуваат само екипи кои немаат проблеми со заболени кошаркари.

„Кошаркарското првенство дефинитивно почнува викендов. Како што веќе најавивме, постигнат е договор екипите со позитивни случаи да не се натпреваруваат, а по враќањето ќе ги одиграат своите заостанати средби“, потврдија за ЕКИПА од раководството на КФСМ.

Академија ФМП ќе може да се приклучи на натпреварувањето штом добие зелено светло од Комисијата за Заразни Болести, а истото се однесува и на Вардар, тим што нема позитивен случај, но кој играше пријателски меч со ФМП и поради тоа сите кошаркари на „црвено-црните“ се наоѓаат во самоизолација.

За среќа, ниту еден од кошаркарите не покажа симптоми, но како одговорен клуб решивме сите да останат во самоизолација за да не дојде до појава и евентуално ширење на заразата. Откако ќе ни истече периодот на самоизолација ќе треба да бидеме тестирани, по што ќе можеме да почнеме со тренинзи. Не постои начин да играме викендов, а од федерацијата ќе решат кога ќе треба да се приклучиме на лигата“, информираат од КК Вардар.

Ова практично значи дека викендов на програмата ќе бидат три натпревари, пресметките меѓу ТФТ и Куманово, Кожув и Пелистер, односно меѓу МЗТ Скопје 2 и Еуро Никел.

Вечното дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе биде закажано за следната среда.

Се вчитува...