Шкендија покажа сила и против Работнички, Ренова го доби Пелистер

Шкендија продолжува во победнички ритам во Првата фудбалска лига. Лидерот го совлада Работнички со 0-2 на арената „Филип Втори“ и ја зголеми предноста на огромни 17 бода во однос на второпласираниот Вардар. И без капитенот Ферхан Хасани, кој е повреден, тимот на Ќатип Османи беше подобар од „романтичарите“.

Во последните моменти од првото полувреме, Шкендија дојде во водство со голот на Изаир Емини. Алими успеа од десната страна да ја сврти топката во средината на шеснаесетникот, а Емини со силен удар ја закова зад грбот на Даниел Божиновски.

Во 51.минута, Душко Трајчевски го собори Емини во казнениот простор на Работнички, судијата Димитар Мечкаровски покажа на белата точка, но и го исклучи капитенот на „романтичарите“. Сигурен реализатор на пеналот беше Бесарт Ибраими. Работнички во продолжението немаше сили да возврати со играч помалку на теренот.

Во Тетово, Ренова успеа да оствари значајна победа над Пелистер од 1-0. Валмир Нафиу во 57.минута беше стрелец на победничкиот погодок за „гипсарите“. Со овие три бода, Ренова бега од долниот дел на табелата и се приклучува кон средината.

Се вчитува...